Нема општински развој без владина поддршка и континуитет

Нема општински развој без владина поддршка и континуитет

Пишува: Сотир Габелоски

Во држава како нашата, на малите општини им е потребна сериозна помош од централната власт и од други извори на финансирање, за да можат да реализираат позначајни проекти. Буџетите се толку мали, што и не можат да се наречат развојни. Сепак, колку и да се мали, нивното менаџирање е она што за граѓаните живот значи.

Без поддршката на централната власт, денес општина Крушево, како општина со помалку од 10.000 жители според пописот од 2001, и со ниски приходи во буџетот, не би можела да реализира толку многу проекти и дополнително да најавува нови, кои имаат капитално значење. Во таков случај, освен волјата и посветеноста на избраниот функционер, многу е важно поддршката која ја добива да биде постојана и да не зависи од тоа која политичка структура е на власт. Односно, прашањето дали локалната и централната власт се од истиот, или од спротивставениот табор.

Ова е важно за да се обезбеди континуитет во работата на општините и развојот да претставува константа. Доколку проектите течат непречено, со помал или поголем интензитет, тогаш самата Општина ќе забележува постојан раст, а не како што тоа во подолг временски период и’ се случуваше на Општина Крушево. После 8 и пол години минимална реализација на проекти и „билдање“ на општинскиот долг, денес општината има градоначалник и локално раководство кои обезбедија висок степен на реализација на проекти.

Поддршката која Владата може да им ја дава на општините, треба да се реализира преку разни програми и фондови и, генерално, преку својата програма за развој на локалните самоуправи. Паралелно, и централната и локалната власт, мора да инвестираат во човечки ресурси, бидејќи од голема важност за успешното функционирање на Општината, е спосоноста на службите за апликација и имплементирање на проекти.

На крајот, повторно доаѓаме до заклучок дека успешното функционирање на Општините зависи од капацитетот и компетенциите на општинската администрација, од нејзиното менаџирање од страна на градоначалникот и од помошта на државата. И што е уште поважно, општините кои во изминатите две и пол години бележат подем, треба продолжат по истиот пат и после следните локални избори, без разлика од која политичка провиниенција ќе биде новата владејачка гарнитура.

Прочитајте повеќе

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

По првиот круг јасно е дека Македонија е земја на национализмот, негуван како дива орхидеја. …