ПАТОТ ДО СЛОБОДАТА

ПАТОТ ДО СЛОБОДАТА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

„Патриотизмот е последното прибежиште на битангите“

Семјуел Џонсон, англиски поет и моралист

Признавам: воопшто не сум горд на разумот, патриотизмот и храброста кои ги покажува народот на кој му припаѓам.

Ако имаше разум, немаше да дозволи да биде уценуван и застрашуван цела една деценија.

Ако во него тлееше чувството за патриотизам, ќе го кренеше гласот против угнетувачите и петтоколонашите кои за грст дукати ја раскрчмуваат дедовината и ја запечатуваат иднината на сегашните и идните генерации граѓани на оваа држава, кои без разлика на националната и етничката припадност Македонија ја чувствуваат за своја татковина.

Ако пак храброста му беше во гените, одамна ќе го извадеше кубурот од појасот и ќе распалеше по сите окупатори и неранимајковци кои овде, кој како стигнал, се башкареле како да го поседуваат секое парче македонска земја.

Безгрижното и неприкосновено еднодецениско владеење на денешниве домашни окупатори, само ја потврдува констатацијата за нашата малодушност, нерешителност и кукавичлук сами да се избориме за сопствената слобода. Да ја освоиме слободата. Да си ја вратиме слободата. Оти само така ќе покажеме дали ја заслужуваме. Дали воопшто ја посакуваме слободата, или сме се претвориле во „среќни робови“ кои, по правило, секогаш се најлутите непријатели на слободата.

Прекрасната приказна за митолошкиот град Мохенџо Дара опишан во епот Махабхарата, која во својата последна колумна ја раскажа почитуваниот Мерсел Биљали, на најпластичен начин ја прикажува важноста на моментот во кој живееме: прашањето за личната одговорност на секој од нас, од чии одлуки ќе зависи судбината на идните поколенија.

Од сегашна дистанца, не можеме да се пофалиме оти нешто многу сме се претргнале во создавањето подобри услови за живеење на оние на кои ќе им ја оставиме утрешнината. Тука, по автоматизам, се наметнуваат две сосема логични прашања: првото, ќе имаме ли воопшто што да им оставиме и, второто, ќе има ли кому да оставиме? Вака како сме тргнале, и двете прашања делуваат по малку фаталистички…

Не случајно токму сега ја потенцирам важноста на моментот кога треба да ги дадеме одговорите на погоре поставените дилеми за слободата. Кога на нашите наследници треба да им покажеме дека во најважните моменти сме биле на вистинското место, кога треба да им докажеме дека не сме го потрошиле животот бадијала.

Во пресрет на Денот на македонската антифашистичка борба, историјата како одново да си поигрува со нас. После 7 децении, повторно се наоѓаме на почетокот на патот кој треба да го изодиме. На патот до слободата. И како по правило, повторно доцниме на тој пат. И повторно чекаме некој друг да го изоди во наше име. Да гази кал, да се пробива низ трње и со многу пот, солзи и крв да ја извојува нашата победа. Тоа, повеќе од сигурно, нема да се случи.

На Македонија очајнички ѝ треба нов 11.Октомври. Оти тиранијата и мафијата се испреплетија во едно зло кое прерасна во двоглаво чудовиште што се намерачило да ја урниса државата. И ако сега и одма не му застанеме на патот, утре може да биде доцна. Оти тогаш може ќе нема кој да го земе мечот во рака. Реката народ незапирливо тече кон север, кон запад…како кон крајна дестинација на илјадниците граѓани на оваа држава кои немаат време да чекаат чудовиштето само да се повлече во дупката. Уште помалку да се самоуништи.

Часовникот забрзано отчукува. Битангите само што не го исфрлиле од ракав нивниот последен и единствен адут наречен „патриотизам“, кој не е ништо друго освен модифициран лажен национализам чија употребна вредност одамна е истечена и обезвреднета.

Ете затоа овој 11.Октомври треба да ја има симболиката на новиот почеток во борбата со неофашистичкиот режим. Дали ефектот на новото, фигуративно речено, востание, ќе го видиме на 11.декември, ден порано или подоцна, тоа е помалку важно.

Ако нѐ има многу, како што нѐ има, ако сме доволно видливи и гласни, слободата ќе биде чекор поблиску до нас.

Автор:

Чеге Вара              Прилеп, ебаго!…….(131)           

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …