РЕТРО: ЧЕТВОРИЦАТА ЈАВАЧИ НА АПОКАЛИПСАТА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

Вчерашното одбележување на Илинден уште еднаш го потврди она што одамна го знаеме: дека граѓаните на оваа наша Македонија живеат, всушност, во две Македонии. Првата е онаа реалната, во која една деценија трае борбата со сиромаштијата и аздисаната власт. Втората е непостоечката, виртуелната Македонија, каде сѐ е подредено според сценариото и спрема потребите на Фамилијата.

Во онаа првата, до болка сурово вистинската Македонија, животот станува неподнослив. Поточно, одамна е веќе неподнослив, само што тоа ретко кој се осмелува јавно, гласно и без заграда да го каже.

Онаа другата Македонија вчера се претстави во целата своја бесмисленост и бруталност. Четворицата јавачи на апокалипсата нѐ потсетија дека мафијата комплетно ги поклопила највисоките државни функции и дека спасот од неа треба да се бара или преку избори, или со фаќање патот под нозе.

Првиот од четворицата ништожници, оној кој го посеа семето на злото, Грујо, од Трново ни порача дека до слободата и напредокот се доаѓало со почитување на основните вредности. Само неколку минути претходно, неговите тепачи го отстранија од настанот човекот кој од него и од неговите браќа по арамилак побара: „вратете ги парите“!

Вториот, тој кој го загриза јаболкото на раздорот, Хорхе, од Пелинце апелираше да не се ширела паника и да не се заплашувал народот. Уште зборот не дорече, одма нѐ предупреди оти за нашата држава постоел „висок ризик од закана на терористички напади“.

Третиот, оној кој со давањето наредба да се тепаат и да се исфрлат пратениците од Собранието ја официјализираше смртта на демократијата, Трајко, од среде Скопје повика на „дополнително обновување на меѓусебната почит и разбирање помеѓу политичките партии“.

Четвртиот, тој кој ни крив ни должен седи во премиерскиот кабинет на „Илинденска“, Емил чинам се викаше, во Крушево не кажа ништо што би било за паметење, ама затоа пак на куририте им го подели својот говор и им кажа што треба тие да кажат.

За лицемерието на девалвираните државни функционери кои својот личен кредибилитет го арчеа заедно со кредибилитетот на државата, депласирано е воопшто и да се зборува. Тоа што Мечкин Камен беше застрашувачки празен, е најдобрата порака која граѓаните можеа да ѝ ја упатат на власта.

Наместо вообичаените гужви од луѓе и возила од целата држава, вниманието го привлече една група на луѓе, невообичаена по многу што. Облечени во црни маици на кои доминираше ликот на Тодор Александров, со невообичаена иконографија и со дузина малолетници меѓу нив, групата маршираше низ крушевските улици. Стигна и до Мечкин Камен, каде со свирежи го дочека опозицискиот лидер.

Од видеото кое деновиве кружеше по социјалните мрежи, видовме кои се тие луѓе и каква е нивната идеологија. Песната со која го величаат ликот и делото на Александров, наспроти она на Гоце Делчев и Даме Груев, како и транспарентот на кој пишуваше „Душмани од надвор, изроди од внатре…“, не само што ја долови сликата за нивното здружение, туку и на директен начин ги демантираше и ги обезвредни празните говори и демагошки заложби на четворицата јавачи на апокалипсата за декларативното национално обединување и помирување. Повеќе е од јасно дека никој од нив тоа не го посакува. Напротив.

Не знам на што ве асоцираат вас, ама за мене следбениците на Тодор Александров се олицетворение на несреќи и братоубиство, на колежи и смрт. Црните маици и мрачната иконографија ме потсетија на усташките и четничките црнокошуљаши кои во Вуковар се натпреваруваа во својата бруталност. Кои својата нечовечност ја покажаа на незапамтен начин, парадирајќи низ градот со отсечени човечки глави во рацете, а рамената „украсени“ со српски и хрватски деца набиени на колец.

Затоа, ако се оние патриотите кои треба да ја бранат државата, тогаш апелирам одма и сега да ме запишат во списокот на предавниците. И неизбежно да ме заокружат со црвено крукче. За да нема забуна. За да се знае кој е кој.

Инаку одбележувањето на Илинден, барем кога станува збор за народниот собир во Крушево, ги остави сендвичарите и автопревозниците со кратки ракави. Очигледно дека портокаловата дружина ќе мора да бара нова мамка за да на „спонтаните“ собири и контрапротести донесе што поголем број партиски „неопределени“ граѓани.

Така на пример, можат видео играта Pokemon Go да ја прилагодат во наградна игра Zaev Go, па наместо Покемони, ГДОМ-овци и останатите да го бркаат Заев!? За најсреќниот и највештиот „ловец“ ќе следува „богата“ награда: вработување во една од фабриките со странски капитал. Плата: 9.000 денари. Работно време: 24/7.

Автор:

Чеге Вара                   Прилеп, ебаго!…….(126)               

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …