Руски дипломат протеран од ЕУ во чистка на шпиони сега е набљудувач на ОБСЕ на изборите во Србија

Руски дипломат протеран од ЕУ во чистка на шпиони сега е набљудувач на ОБСЕ на изборите во Србија

Руски дипломат и наводен шпион протеран од ЕУ поради „незаконски и вознемирувачки дејствија“ ќе работи како набљудувач на изборите за претстојните парламентарни и локални избори во Србија, во рамки на мисијата на најголемото безбедносно тело во Европа, откри истражувањето на РСЕ.

Александар Студеникин (49 годишен) беше наведен како советник во постојаната мисија на Русија во ЕУ во Брисел, кога тој и уште 18 руски дипломати беа означени како персона нон грата во април 2022 година по целосната инвазија на Русија на Украина два месеци претходно.

ЕУ соопшти дека руските дипломати на црната листа учествувале во активности „против интересите и безбедноста на ЕУ и нејзините земји-членки“.

Сега Студеникин е меѓу групата од 30 набљудувачи на избори, кои ја претставуваат Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за парламентарните и локални избор во Србија на 17 декември.

Во медиусмките извештаи претходно се тврдеше дека Студеникин бил вработен во Руската надворешна разузнавачка служба, позната како СВР. Висок европски функционер со пристап до доверливи информации, за РСЕ, исто така, изјави дека Студеникин работи за СВР, иако самиот Студеникин негира какви било врски со разузнавачки служби.

Студеникин е еден од четворицата Руси на списокот на долгорочни набљудувачи со набљудувачката мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР).

Овие набљудувачи се одговорни за следење на целиот изборен процес, „стекнување на е длабинско разбирање за севкупните административни процедури и опкружувањето на кампањата“, според ОБСЕ.

Групата вклучува и набљудувачи од Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Германија, Франција, Данска, Белорусија и уште седум други земји.

Додека задачата на Студеникин во Србија е привремена, балканската земја стана дестинација за руските дипломати исфрлени од ЕУ.

Александар Студеникин меѓу руските дипломати во Брисел, февруари 2020 година
Александар Студеникин меѓу руските дипломати во Брисел, февруари 2020 година

Истражувањето на РСЕ од март годинава покажа дека најмалку тројца руски дипломати, со врски со руското разузнавање, кои биле на црната листа од страна на земјите-членки на ЕУ, повторно се појавија како акредитирани руски дипломати во Србија, една од ретките европски земји што не воведе санкции против Русија поради сеопфатната војна на Кремљ против Украина.

Нивното протерување дојде кога владите на ЕУ ставија на црната листа стотици руски дипломати по инвазијата на Москва во февруари 2022 година, а неколку од овие држави ја наведоа наводната шпионажа како основа за протерување.

Српските избори доаѓаат во време на зголемен притисок врз Белград од западните влади да воведе санкции кон Москва поради руската агресија во Украина. Владејачката Српска напредна партија и претседателот Александар Вучиќ ја одржаа својата коалиција со партиите кои се сметаат за силно проруски, додека про-ЕУ опозиција се бори да стекне популарност во земјата каде што мнозинството од населението ја гледа Русија како пријателска нација.

Вучиќ се обиде да ги балансира аспирациите на Белград за пристапување во ЕУ со нејзините пријателски односи со Русија, која со Србија дели православно христијанско наследство и го поддржува Белград во споровите со Западот.

Русите кои работат за ОБСЕ претходно наидоа на потешкотии при влез во одредени земји на ЕУ. Минатата година полските власти прогласија двајца руски службеници во Парламентарното собрание на ОБСЕ за персона нон-грата, велејќи дека тие претставуваат „закана за државната безбедност“. Една од вработените, Дарја Бојарскаја, била приведена на литванско-руската граница додека се обидувала да ги посети роднините во Калининград.

Претставниците на ОБСЕ се избираат од земјите-членки

Земјите-членки на ОБСЕ ги избираат поединците кои сакаат да се приклучат на мисијата за набљудување на изборите, така што ОБСЕ не управува директно со регрутирањето на овие набљудувачи, кои се препорачани од земјите-членки.

Александар Студеникин (лево) на средба со градоначалникот на Зајечар, ноември 2023 година.
Александар Студеникин (лево) на средба со градоначалникот на Зајечар, ноември 2023 година.

Студеникин, кој претходно работеше во Организацијата за забрана на хемиско оружје (OЗХО) во Хаг, пристигна во Србија на 19 ноември за да ја започне својата работа како набљудувач на ОБСЕ на изборите.

Групата набљудувачи, во која е и Студеникин, е одговорна за неколку општини во источна Србија, а тој се состана со локални политички претставници во Заечар и Кладово, во близина на границите со Бугарија, односно со Романија.

Александар Студеникин на партиски настан на владејачката Социјалистичка партија на Србија, Зајечар, Србија, 30 ноември 2023 година
Александар Студеникин на партиски настан на владејачката Социјалистичка партија на Србија, Зајечар, Србија, 30 ноември 2023 година

Според новинарските извештаи и извор на РСЕ, Студеникин присуствувал на предизборните настани и на владејачките и на опозициските партии во регионот каде што бил распореден. Вакви активности се очекуваат од долгорочните набљудувачи, велат од ОБСЕ.

Студеникин, кого РСЕ го доби по телефон на службениот српски број, изјави дека основата за неговото протерување биле информациите на неговиот профил на Линкедин, кои го вклучуваат неговото вработување во Организацијата за забрана на хемиско оружје. (ОЗХО).

„Имавме околу 500 луѓе протерани од Европа. Излегува дека ако си Русин, тогаш си шпион. Без разлика дали си дипломат или не, не е важно“, рече тој.

Портпаролката на ОДИХР, Катја Андруш, за РСЕ изјави дека организацијата „не била информирана“ дека ЕУ го прогласила Студеникин за персона нон грата. Набљудувачите на изборите се избираат од нивните земји и „мора да се придржуваат до кодексот на однесување на набљудувачите“, додаде таа.

„Секое сериозно прекршување на кодексот ќе доведе до итно повлекување на акредитацијата на набљудувачот“, изјави Андруш за РСЕ.

За улогата на Студеникин како набљудувач на избори, РСЕ испрати прашања до српското Министерство за надворешни работи, Српската изборна комисија и постојаната мисија на Русија во ОБСЕ во Виена. Никој не одговори на прашањата до објавување на текстот.

Запрашано за протерувањето на Студеникин минатата година, белгиското Министерство за надворешни работи посочи дека одговори може да даде Службата за надворешни работи на ЕУ, која не одговори на прашањата до објавување на текстот.

Спротивно на дипломатскиот статус

Ставањето на Студеникин на црната листа на ЕУ објавена во април 2022 година првпат беше објавено во заедничката истрага на ЕУ Обсервер и истражувачката група Досие ЦентарЕУ Обсервер објави дека Студеникин работи за СВР.

Висок европски функционер, со пристап до доверливи информации, со кој разговараше РСЕ, исто така, рече дека Студеникин е вработен во СВР, што Студеникин го негираше.

„Можеби би сакал да работам за некој [таков], но таква можност не ми се појавила во досегашната кариера. Значи, не, дефинитивно не“, изјави тој за РСЕ.

Во одговорот испратен по електронска пошта на прашањето за Студеникин, СВР соопшти дека одбива да коментира.

ЕУ не ги објави имињата на 19-те руски дипломати на црната листа, ниту директно ги обвини за шпионажа, но рече дека тие биле вклучени „во активности спротивни на нивниот дипломатски статус“.

„Европската унија дејствува како одговор на незаконските и вознемирувачки дејствија на назначените членови на руската мисија против интересите и безбедноста на ЕУ и нејзините земји-членки“, се вели во соопштението на ЕУ.

Името на Студеникин сè уште се појавува на веб-страницата на постојаната мисија на Русија во ЕУ, каде што тој е наведен како советник за индустриска соработка.

Таа листа, која се чини дека не е ажурирана, вклучува повеќе руски дипломати кои оттогаш го напуштија Брисел. Меѓу нив е и Денис Павлов, дипломат кој е испратен во Централноафриканската Република да координира меѓу руските платеници и локалната полиција, покажа неодамнешната истрага на РСЕ.

Која е позадината на хемиско оружје

Студеникин не бил дипломат од кариера пред да се приклучи на постојаната мисија на Русија во ЕУ во 2014 година, според неговиот профил на Линкедин.

Со воено образование за хемиска одбрана, Студеникин работеше во ОЗХО, организацијата со 193 члена, со задача за трајно елиминирање на хемиското оружје.

Студеникин како официјален претставник на OЗХО во Тунис, октомври 2010 година.
Студеникин како официјален претставник на OЗХО во Тунис, октомври 2010 година.

Русија има жестоки односи со OЗХО од 2018 година, кога организацијата потврди дека моќниот нервен агенс од советската ера познат како Новичок бил користен во речиси фаталното труење на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Англија. Велика Британија обвини дека руското воено разузнавање е одговорно за нападот.

Новичок подоцна беше идентификуван како супстанца користена во сличен напад врз рускиот опозициски активист Алексеј Навални во 2020 година. Земено заедно откритието сугерира за можноста Русија да има непријавена, тајна програма за хемиско оружје што е во спротивност со меѓународниот договор.

Русија негира вмешаност во труењето на Скрипал и Навални и покрај значителните докази кои го документираат присуството на оперативци на руски разузнавачки служби поврзани со двата инцидента. Москва, исто така, негира дека одржува тајна програма за хемиско оружје.

Во октомври 2018 година, холандските и американските власти го обвинија руското воено разузнавање за заговор да ги хакира компјутерските системи на OЗХО.

Русија минатиот месец ја загуби кандидатурата за реизбор за место во Извршниот совет на OЗХО, што претставува прв пат во историјата на организацијата Москва да нема место во телото за одлучување.

Извор кој работел во седиштето на OЗХО во Хаг повеќе од 15 години, за РСЕ изјави дека Студеникин дошол во организацијата како инспектор, но брзо се преселил во Одделот за меѓународна помош и соработка, одговорен за поддршка на „напорите на државите страни да ги исполнат нивните обврските според конвенцијата“, како и „олеснување на националната имплементација и одговор и справување со заканите кои вклучуваат токсични хемикалии“.

Меѓународна соработка и помош

Протечените руски даночни записи покажуваат дека Студеникин работел и како експерт во сега веќе непостоечката Федерална агенција за индустрија на Русија, која, меѓу другото, била одговорна за исполнување на обврските на Русија според Конвенцијата за биолошко оружје и Конвенцијата за хемиско оружје.

Профилот на Студеникин на Линкедин наведува дека тој завршил неколку курсеви за обука поврзани со заштита од хемиско оружје. Тоа вклучува обуку во главниот британски центар за обука за заштита од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани. РСЕ не можеше да утврди кога се одржала оваа наводна обука.

Студеникин за РСЕ изјави дека неговиот работен однос во ОЗХО завршил само затоа што му завршил договорот.

Во прирачникот на ОБСЕ за долгорочни набљудувачи на изборите, како Студеникин, се наведува дека за оваа улога, организацијата бара луѓе „со искуство во спроведување на изборите, правна експертиза поврзана со изборите и/или споредбено искуство со набљудување“.

Профилот на Студеникин на Линкедин не споменува никакво искуство во набљудувањето на изборите или друга работа со ОБСЕ, чија работа често беше критикувана од западните влади дека е парализирана од Русија.

ОБСЕ го одржа својот годишен самит во Северна Македонија во ноември, при што министрите за надворешни работи на неколку земји-членки го бојкотираа состанокот поради присуството на највисоките руски дипломати, вклучително и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Гласот за ДПМНЕ носи само меѓуетнички тензии, заробени медиуми, замолчени граѓани

Ковачевски: Гласот за ДПМНЕ носи само меѓуетнички тензии, заробени медиуми, замолчени граѓани

Давањето преголема моќ на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ може да донесе само разгорување на …