Заменик претседателката на Владата на Република Македонија, Радмила Шекеринска одржа прес-конференција во врска со усвоениот предлог за уставни измени на која го поздрави големиот исчекор што во петокот го направи Собранието и воедно изјави:
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
Дозволете во име на Владата на Република Македонија и во свое лично име, да го поздравам и честитам големиот исчекор којшто во петокот го направи Собранието на Република Македонија и со тоа ги отвори вратите на Република Македонија за Европска и Евроатланска иднина на нашата држава.
Честитам на заедничкиот напредок којшто во петокот го постигнаа 80-те пратеници од власта и опозиција со единствена цел – да се потврди на евроатланската ориентација на иднината на Република Македонија.
Пратениците, коишто беа и се поддржани од сите демократски сили во земјата, презедоа одговорност и ја искористија историската шанса и испишаа нова страница во историјата на Македонија со којашто таа најпосле излегува од калта на минатото и се извлекува од ризиците за изолација и отсуство на напредок.
Денес, на задоволство и олеснување на огромно мнозинство граѓани во државата, Македонија е уште повеќе подготвена за нејзината просперитетна европска иднина за која сите ние се боревме и сонувавме 27 години – Македонија покажа дека е подготвена да стане членка на НАТО и покажа дека е подготвена да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Оваа одлука на 2/3 парламентарно мнозинство значи влез на Македонија во безбедносен штит на најмоќниот воено-политички сојуз во светот. Со оваа одлука Македонија станува фактор на стабилност во регионот. Потврдуваме дека сигурноста на нашите граѓани е гарантирана, а државните граници заштитени – засекогаш.
Факторот стабилност кој произлегува од членството на Македонија во НАТО и идниот почеток на преговори со ЕУ ќе донесе нови и големи странски инвестиции но и ќе ги охрабрат домашните инвеститори. Инвестициите ќе отворат нови работни места, ќе обезбедат поголеми платите и ќе обезбедат извоз кој и е потребен и толку важен на Република Македонија.
Одлуката во Парламентот значи дека влегуваме во сојуз кој функционира според правила и прописи. И тие правила и прописи се побитни од секој поединец. Со исполнување на домашните обврски паралелно создаваме функционална држава во која владеат редот и законот и во која институциите се во служба на граѓаните – отворени и отчетни.
Почитувани граѓани,
Историскиот глас на пратениците во исто време беше и глас против изолација, против несигурност и против сиромаштија. Глас против нови политички кризи.
Тој глас повторно ги сврте очите на светот кон Македонија. Светот гледа. Светот гледа и ја поздравува покажаната државничка одговорност на пратениците, коишто знаеја дека нивната прва и единствена цел е да ги претстават и обезбедат интересите на оние кои ги избраа, на граѓаните на нашата земја.
За поздравување е таа храброст и одговорност, да се има сила, сите работи да се стават настрана а во центарот на одлуките да се стави иднината на татковината.
Овој историски момент повикува на обединување на сите политички сили, на сите прогресивни сили во Република Македонија. Тоа ни е потребно како никогаш досега. Верувам дека сега е можна дури и поголема поддршка во Собранието за спроведување на договорот од Преспа и со тоа за зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ. Секој пратеник кој верува и знае дека Македонија треба да стане дел од западниот свет треба да ги поддржи уставните измени во следните фази.
Затоа, ќе продолжиме да повикуваме и да спроведуваме политика на обединување на сите позитивни прогресивни сили во државата.
Знам дека повикот на премиерот поттикна многумина граѓани, барем за момент да помислат дека е возможно да ги надминеме кавгите и поделбите во државата. Сега е момент овој тип на делби да ги оставиме зад нас. Сега е моментот да зборуваме за суштинско помирување и обединување кое ќе тргне од Собранието, но ќе влезе низ сите сегменти на општеството и ќе остави позитивен исход секаде кајшто има политички раскаани граѓани – тоа се е за доброто на нашата земја.
Сакаме да и дадеме шанса на таа енергија да не направи поблиски и да не направи пофокусирани за обезбедување на иднина за Република Македонија, и покрај политичките разлики што сме ги имале, ги имаме и ќе продолжиме да ги имаме.
Ви благодарам.