Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Предлог за издавање казнен налог против 32-годишен жител на селото Глишиќ, обвинет за предизвикување општа опасност и за мачење животни, според одредбите на Кривичниот законик.
Како што соопшти Обвинителството, тој на 9 ноември, исекол неколку парчиња салама, ги напрскал со токсичен препарат за прскање винова лоза, ги ставил во ќеси како мамец и ги оставил пред незаградениот двор на семејна куќа.
„Иако бил свесен дека во куќата живеат четири семејства и постојано има голема фреквенција на луѓе, како и дека поради таквото негово дејствие може да настапи штетна последица, тој сепак лекомислено сметал дека штетната последица може да ја спречи или дека таа нема да настапи, па на тој начин предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето“, се вели во соопштението.
Мамците со отров ги развлекло и ги јадело куче без сопственик, кое се отруло и починало.
Бидејќи обвинетиот претходно не бил осудуван, а и изразил каење за тоа што го сторил, Обвинителството до судот доставило предлог за условна осуда со утврдена затворска казна која нема да се изврши доколку обвинетиот во дадениот временски рок не стори ново кривично дело, како и парична казна од 30 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 10 евра во денарска противвредност.