Време за промени: црвен картон за неспособните локални апаратчици!

Време за промени: црвен картон за неспособните локални апаратчици!

Пишува: Зоран Милошески

„Не е доволно да се победи во војна; поважно е да се организира мирот“

Аристотел

Имајќи го во предвид фактот дека на последните избори опозицијата им пристапи како на прашање на живот или смрт, освоените пратенички мандати владејачката коалиција може да ги рачуна како „воен плен“ освоен без испукан куршум. Она што сега и’ останува на власта, е оној вториот дел – организирање на мирнодопскиот живот на граѓаните.

Иако мнозинството е „танко“, владината коалиција го има комодитетот да владее без преголема грижа дека опозицијата може да и’ ги загрози позициите. Оти наследникот на Груевски нема ниту моќ, ниту авторитет да предизвика било какви посериозни политички турбуленции. Изјавата дадена првиот ден после формирањето на Владата, дека Заев и друштвото ќе мора да „абдицираат“ заради „масовните граѓански протести“ со кои ќе се соочат, е уште еден во низата докази дека Мицкоски е обичен лузер и политички дилетант, чија политичка кариера се наоѓа во континуиран пад.

И повеќе од јасно е дека не постои клима за било каква демонстрација на граѓанско незадоволство. Несмасната парола набрзина склепана во партиската комисија за (дез)информирање, зборува за очајот на најголемата опозициска партија и нејзината комплетна идеолошка и секаква друга дезориентираност.

Времето на масовните граѓански протести заврши со „Шарената револуција“, а последната изборна кампања прилагодена на живеењето со пандемија, стави крај и на големите партиски митинзи. Оттука, треба да се биде премногу наивен да не се сфати дека изјавата на Мицко е, всушност, алиби порака упатена до партиското членство за купување време. Фронтот за негова смена од претседателската функција од ден на ден добива на масовност, но и на гласност. Затоа, реалниот проблем на асистентот на својот татко, не е лоциран на „Илинденска“, уште помалку на „Бихаќка“, туку во арамиската „бела палата“!

Проблемот на груевци за превласт околу партиската претседателска фотелја и лидерската позиција, допрва ќе ги полни страниците на „жолтиот“ печат. Меѓутоа, внатрепартиската пресметка на завојуваните фракции, е проблем со кој треба да се занимаваат засегнатите страни во идеолошката збирштина наречена ДПМНЕ. Она кое што е многу поважно за иднината на државата, е начинот на кој старо-новата Влада ќе се справува со проблемите кои како „Дамоклов меч“ се надвиснале над главите на граѓаните.

Иако е неблагодарно да се издвојат „поважните“ од „помалку важните“ прашања, сепак надминувањето на економските проблеми, испорачувањето на одамна ветената правда, вклучително и завршувањето на започнатите судски процеси, справувањето со пандемијата на Ковид-19 и ставањето на образовниот процес во (релативно) нормален колосек, се четирите теми кои Владата ги има на „to do“ листата.

Тоа се „покерот“ постулати на кои ќе се надградуваат сите останати прашања, носечките столбови кои ќе треба да го издржат тешкиот товар на предизвиците во четиригодишниот мандат.

Меѓутоа, за да биде крајниот епилог оценет не со преодна, ами со висока оцена, партиите-темелници на владејачката коалиција, ќе треба да направат уште нешто: да ги стават вистинските луѓе на вистинско место.

Кога зборуваме за СДСМ, трите последни години практикување власт, заедно со  последната изборна кампања, се одлична „база на податоци“ од каде треба да тргнат кадровските промени. И во Владата, и во партијата. Како по хоризонтала, така и по вертикала. Бидејќи и Заев, и сите локални лидери на СДСМ, ја имаат на дланка комплетната состојба со партиската инфраструктура.

Точно се знае кој сработил, а кој не. Чии мотиви биле идеолошки, а чии чисто материјални. Кој се водел од принципите на чесност и честитост, а кому му фаќало рачето. Кои се тие кои останале „со крстот на чело“, наспроти оние другите кои земале од кај можеле и не знаеле за „доста“.

Притоа, одма и сега, треба да престане праксата која на „Бихаќка“ стана непишано правило: дека секој, или речиси секој функционер од највисокото партиско раководство, си има по некое свое „милениче“ во градовите ширум државата. Кому, заради авторитетот на менторот, по правило му следува директорско или раководно место во државна институција. Тоа што дотичниот ем нема капацитет да се носи со позицијата која му ја дале на тацна, ем е класична подвижна антиреклама за партијата на власт, не го секира многу оној кој му го чува грбот. Оти гласот против заштитената „бела мечка“ од Прилеп, Битола, Охрид…, не допира до Скопје.

Смената на неспособните и неодговорните локални раководители и партиски функционери, мора да биде врвен приоритет на Општинските организации на СДСМ. Не во декември оваа или во април следната година, ами овој месец, веднаш после именувањето на владините функционери од вториот и третиот ешалон. Оти припремите за локалните избори почнуваат 12 месеци, не 12 недели пред нивното одржување. Секое тактизирање и пролонгирање на носењето храбри одлуки, искажани преку спроведување кадровска политика базирана на јасни критериуми и принципи, ќе значи чекор поблиску до бездната.

Затоа, почитувани партиски главешини, заблагодарете им се на добар дел од досегашните директорчиња и испратете ги во соблекувална. Тука, околу вас, има луѓе кои чекаат шанса да се докажат. Вие само треба да им дадете доверба и временска рамка во која ќе го покажат своето знаење и ќе испорачаат резултати. Во спротивно, се знае – никој не смее да биде недопирлив и незаменлив, најмалку локалните апаратчици.

И не заборавајте: партијата се „луфтира“ кога е на власт, не во опозиција!

Прочитајте повеќе

Избирачки списоци, оружје и кеш: Изборни манипулации во Охрид и Чашка

Избирачки списоци, оружје и кеш: Изборни манипулации во Охрид и Чашка

Двајца членови на избирачки одбор од Охрид, предложени од една политичка партија имале фотографии од …