Ковачевски на автопатската делница Демир Капија- Неготино

Ковачевски на автопатската делница Демир Капија- Неготино, дел од Коридорот 10: Вложуваме во безбедноста на граѓаните и ја поврзуваме државата со Европа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија, Ејуп Рустеми, беше на теренот каде што е во тек рехабилитација на двете коловозни ленти на автопатската делница Демир Капија- Неготино.

Во продолжение обраќањето на премиерот во целост:

„ Почитувани,

Министер за транспорт и врски, Благој Бочварски,

Директор на Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија, Ејуп Рустеми,

Градоначалник на општина Демир Капија, Лазар Петров,

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани присутни,

Денеска сме тука, на автопатската делница Демир Капија- Неготино, каде што во моментов се врши рехабилитацијата на левата и десната коловозна лента на овој значаен пат, кој што е во должина од 15км, а вредноста на договорот е 9 милиони евра, пари обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Според договорот за проектот, рехабилитацијата на патот треба да заврши до април следната година и очекувам овој рок да биде испочитуван.

Инаку, оваа патна делница беше една од полошите патни делници на коридорот 10, не беше рехабилитирана цели 20 години, навистина ова беше барање сите наши граѓани, особено оние кои што гравитираат во овој дел од државата.

Ова е една од делниците, која е дел од трансевропскиот Коридор10 и преставува важна врска помеѓу нашата држава, Грција, Србија, меѓутоа и другите држави во Европа. Реализација на овој проект, освен што значи придонес во транспортното поврзување, ќе обезбеди и безбеден сообраќај за граѓаните. Влогот во патната и железничката инфраструктура е влог во трајни добра, кои значат, не само модерни патишта, туку и регионален развој и раст на економијата.

Денес парите на граѓаните одат за граѓаните, а не за фасади од стиропор што се распаѓа, за лажен барок, исушени врби, за лични и партиски цели.

Ставаме фокус на инвестициите во инфраструктурата, и резултатот е видлив.

Само минатата година, во услови на најголема светска економска и енергетска криза имаме рекордна реализација на капитални инвестиции од буџетот во 465 милиони евра, што е за 60% повеќе од 2014 година, кога износот на капитални проекти беше 286 милиони евра, а парите на граѓаните одеа во непродуктивни трошења, за лични и партиски цели.

Ние  покажавме дека парите на граѓаните и треба и може да се употребуваат одговорно и исклучиво за развојот на државата.

Во последните три години односно 2020, 2021 и 2022 година, во услови на здравствена, економска и енергетска криза вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра. Од 2017 до 2022 година се вложени 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта.

Изградивме и рехабилитиравме околу 1.400 километри патишта за 6 години. Изградени се 2 нови експресни патишта, градиме уште 2 нови и бројни магистрални и регионални патишта. Градиме и рехабилитираме околу 450 километри локални патишта низ општините.

Динамиката на изградбата на патот од Кичево до Охрид, во должина од 57 километри е забрзана, отстранети се наследените проблеми што ја  кочеа реализацијата и веќе 75 проценти од патот е завршен.

Неодамна, и официјално се пушти во употреба рехабилитираната патна делница Куманово – Страцин, процес кој за прв пат се спроведе после повеќе од 32 години.

Овој магистрален пат е дел од европскиот Коридор 8 и е од витално значење како за тој регион, така и за целата држава.

Како ниту една друга влада вложуваме во секој дел од државата. И продолжуваме со истото темпо, затоа што нашата држава и нашите граѓани заслужуваат да имаат модерно патно поврзување.

Со изградбата на Коридорите  8 и 10-д, ќе изградиме околу 110 километри нови автопатишта со 6 ленти.

На терен и на двата коридора веќе се вршат неопходните подготвителни активности за градежните работи, геомеханички истражувања, а паралелно течат и процесите на проектирање, изработка на елаборати за експропријација на земјиштето и мобилизација на фирми кои ќе бидат вклучени во изградбата на автопатите.

Ова е најголемиот инфраструктурен стратешки проект досега, со кој ја поврзуваме земјата со регионот и Европа по европски и светски стандарди на изградба на патна инфраструктура.

Покрај со солунското пристаниште, се поврзуваме со уште две пристаништа: во Бургас во Бугарија и во Драч во Албанија.

Со одлуката на ЕУ за поставување на Коридорот 8 на мапата на главни коридори во регионот и ЕУ, нашата држава се позиционира како крстосница на регионот на два главни европски коридори тоа се Коридорот 10-д и Коридорот 8.

Изградбата на овој проект значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно ниво.

Поврзувањето што го овозможуваат двата коридори, значи рамномерен регионален развој, подобрување на економскиот рејтинг на државата и на бизнис климата, пораст на странските инвестиции, побрз трансфер на луѓе и стоки, отворање нови пазари и подобро поврзување со меѓународните и трговски партнери.

Овие одлуки, овие политики, се вистинска грижа за граѓаните и за државата.

Тоа е начинот на кој што се работи и на кој што ќе продолжиме да работиме.

Ние вложуваме во добрата иднина на сегашните генерации и на идните генерации, оставаме вредно наследство на следните генерации што е и перспективна за нивната подобра иднина!

Македонските граѓани заслужуваат да патуваат по модерни и современи патишта, да се возат побрзо и побезбедно и да бидат поврзани со Европа и со светот.

Реализираме европска иднина – сега, за европски квалитет на живот денес.

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче: Верувам дека ниеден наш член не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола

„Јас знам дека сите оние кои се незадоволни сакаат да испратат порака. Но, силно верувам …