Држава без млади е хендикепирана држава

Држава без млади е хендикепирана држава

Пишува: Сотир Габелоски

Ги чекориме крушевските улици со еден од моите пријатели, разговарајќи за младите и нивните желби да си заминат или останат во Крушево, во Македонија. Се прашувам, зошто некои гледишта ни изгледаат многу радикални и зошто разликата во оние кои сакаат да живеат тука и оние кои сакаат да си заминат, е толку драстична? Зошто се толку големи спротивностите? Има ли златна средина?

Трендот на иселување од државата продолжува. Многу работи ќе треба да се направат и изменат, за запирање на овој тренд кој е особено изразен кај младите кои живеат во општините од внатрешноста на државата. Трендот продолжува да биде голем, а штетите од него се тешко поправливи. Но, постојат и луѓе кои и покрај се’, остануваат тука. Во Скопје, во помалите градови во Македонија, обидувајќи се да успеат онолку колку што им дозволуваат нивниот потенцијал и условите за живот.

Во нашата земја постојат млади кои својата иднина ја гледаат тука, но и млади кои дигнале раце од сопственото место на живеење и решиле да се отселат. Слушајќи ги нивните аргументи, веројатно и едните и другите се во право. Ниту првите можеме да ги осудиме што веруваат во развојот на државата и местото во кое живеат, ниту пак вторите кои заминуваат, разочарани од предрасудите, дискриминацијата и нееднаквоста во опкружувањето во кое живеат.

Но, зачудува овој распон на размислувања, кој се чини дека не нуди “златна средина“ која ќе ги соедини двете групи. Исто како и во изминатите години, така и денес се случуваат работи кои сериозно ги демотивираат младите да останат тука. Партизацијата, непотизмот и поделеноста на нашето општество, се само дел од причините кои оставаат долготрајни последици и имаат пресудно значење врз размислувањата на граѓаните при носењето на нивната одлука по прашањето – Да останат или да заминат?

Некои процеси, како овој со иселувањето, знаат да бидат неповратни и трајно да и’ наштетат на нацијата. Меѓутоа, онаа друга група на млади луѓе кои одлучиле да останат и тука да градат сопствен живот и кариера, тие се искрата надеж за нашата земја. Затоа што секоја држава без млади во неа, е сериозно хендикепирана.

Прочитајте повеќе

САД не сакаат да испорачуваат оружје за голем напад на Рафах

САД не сакаат да испорачуваат оружје за голем напад на Рафах

Американскиот претседател Џо Бајден се закани со натамошно ограничување на испораката на воена опрема за …