Обраќање на Претседателот Стево Пендаровски, по повод 11 Октомври - Денот на народното востание

Обраќање на Претседателот Стево Пендаровски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

Почитувани граѓани,        

Секоja генерација носи одлуки кои ја одредуваат судбината на народот и иднината на државата. Споредувајќи ги и вреднувајќи ги историските епохи, нашата антифашистичка генерација сигурно се издвојува според маркантноста на своето дело. 

Во 1941 година, кога поголемиот дел од Европа и ние овде бевме окупирани од фашизмот, храбрите борци на партизанските одреди во Прилеп и Куманово ги нападнаа симболите на непријателите на слободата.

Водени од вербата во правда, еднаквост и човечност, партизаните успеаја да го обединат и поведат народот во антифашистичка, народноослободителна борба. Во движењето на отпорот се вклучија граѓани од секоја етничка, верска и социјална категорија. 

Неколкуте партизански одреди прераснаа во баталјони, бригади, дивизии и корпуси на стоилјадната македонска војска. Останувајќи дел од големата антихитлеровска коалиција до крајот, македонските граѓани ја избраа страната на прогресивниот дел од  човештвото.

Благодарение на внатрешното единство на народот и цврстата надворешна врска со клучните земји во антифашистичкиот сојуз, таа славна генерација успеа да се избори за македонската слобода и државност. 

Драги сограѓани, 

Ние сме вечни должници на таа генерација учесници во големото народно востание. Затоа е нужно да бидеме свесни за нашата одговорност во чувањето на државата и слободата извојувана пред многу години. 

Тоа е возможно само ако го следиме нивниот пример и ја преземеме нашата генерациска одговорност. 

Преку граѓанско помирување и солидарност да постигнеме внатрешно единство ако сакаме да ја реализираме нашата заедничка цел – трансформација на Северна Македонија во напредна и просперитетна држава – членка на НАТО и на Европската Унија.

Со единство за најважните работи, да градиме држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина. Со такво единство да создаваме праведно, слободно и здраво општество во кое мора да има место за секого. Здруженоста на различните и солидарноста меѓу нас се клучот на секој успех, услов за постигнување на секоја благородна и праведна цел, а таква имаме пред нас!

Нека ни е честит Денот на народното востание!

Прочитајте повеќе

Филипче

Филипче: Верувам дека ниеден наш член не сака да ја види СДСМ на колена, а ВМРО-ДПМНЕ разулавена и без контрола

„Јас знам дека сите оние кои се незадоволни сакаат да испратат порака. Но, силно верувам …