Ако соученик ве малтретира во вибер група, направете скриншот и пријавете го кај педагогот

Ако соученик ве малтретира во вибер група, направете скриншот и пријавете го кај педагогот

Онлајн малтретирањето е во пораст меѓу младите, но во пораст се и пријавите од ученици или нивни родители кои стануваат сè посвесни дека за овој проблем не се молчи

Ученик фотографирал соученик во соблекувална пред часот по физичко образование, па потоа фотографијата ја споделил во вибер група во која сите се исмејувале со ученикот-жртва. Девојка споделила фотографија со нејзиниот дечко, но по извесно време, тој ја злоуотребил и ја споделил со сите другари, со намера да ја исмее девојката. Ученичка навредувала своја соученичка во вибер група, пред сите останати ученици во класот.

Ова се само дел од појавите кои се секојдневие во мнозинството училишта во земјава. Онлајн малтретирањето е во пораст меѓу младите, но во пораст се и пријавите од ученици или нивни родители кои стануваат сè посвесни дека за овој проблем не се молчи.

И последните наоди на студијата на ХБСЦ (Health behaviour in school aged children), покажале дека расте бројот на пријавите, што значи дека учениците го препознаваат малтретирањето и го пријавуваат. Студијата за однесувањата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст на 11, 13 и 15 години, содржи прашања за малтретирање и сајбер малтретирање. Инаку таа е лонгитудинална, што значи дека веќе 40 години во светот се спроведува, а во Македонија се спроведува на секои четири години. Учествуваат над 50 земји во Европа, Северна Америка и од Канада. Во Македонија последен пат е спроведена лани, на примерок од над 5.000 ученици, на македонски и на албанки наставен јазик.

Во врска со оваа студија, Мета.мк поразговара со Ана Попризова, долгогодишен училишен психолог во скопската гимназија „Орце Николов“.

„Во однос на сајбер малтретирањето, од децата на 11 годишна возраст, 17 посто момчиња и 13 отсто девојчиња кажале дека пријавуваат насилство. Тие рекле дека еднаш или повеќе пати во последните два месеци биле жртви на сајбер насилство. Од децата на 13 годишна возраст, 12 отсто момчиња и 16 девојчиња кажале дека се жртви на онлајн насилство, а од младите на 15 годишна возраст, 14 отсто момчиња и 15 отсто девојчиња кажале дека се жртви. Годинава имаме тренд на зголемување на пријавеното сајбер малтретирање во однос на 2018 година. Тоа е идејата, младите да се охрабрат и да пријавуваат“, вели Попризова.

Правете скриншоти за да имате докази 

Онлајн булингот се случува најчесто на социјалните мрежи. Попризова вели дека иако може овој вид малтретирање да не се случува на училиште, сепак, тоа е поврзано со училиштето и затоа, според неа, е потребно да се зајакне регулативата поврзана со сајбер малтретирањето.

„Ни се случувало и откако ќе биде пријавен случај, никој да не реагира, односно да  не го тргнат видеото што го поставиле. Линкот, соработката меѓу училиштето и институциите надлежни за сајбер насилство треба да се зајакне, и законската регулатива во училиштата треба да се унапреди. Но, исто така треба да се работи и на свесноста кај родителите, учениците, наставниците за оваа тема“, смета Попризова.

Говор на омраза, навреди, видеа… 

Она што најчесто се случува во училиштата, е недозволено споделување и објава на снимки, или споделување вулгарни зборови во групи, говор на омраза во онлајн групи.

„Во нашите училишта тоа се случува. Има снимки со навредливи содржини, има говор на омраза и навреди. Тоа често не е видливо на фејсбук или други социјални мрежи, но во групите на вибер од класот е често застапено. Се случува и некој да биде исклучен од групата, што исто така е малтретирање, тоа е социјално изолирање. Се случува да фотографираат некој ученик и потоа без негова дозвола да го објавуваат и да му се исмеваат. Значајно е ова да се пријавува од страна на родителите и учениците бидејќи доколку знаат за ова возрасните, сторителите на насилство се повикуваат на одговорност и го менуваат однесувањето во иднина. Она што е важно е да се документираат ваквите појави, односно децата да прават скриншоти, за да имаме докази врз основа на кои треба да постапиме ние од стручните служби. Секако многу е важно и да се работи на превенција, уште од основно образование за тоа што значи безбедно користење на социјални мрежи и технологија“, порачува Попризова.

Родителите дома да зборуваат со своите деца

Психологот Ана Попризова вели дека за оваа тема треба да зборуваат и родителите дома со нивните деца, односно да ги учат како безбедно да споделуваат информации и фотографии.

„Се случува, девојката на дечкото да му испрати фотографија од неа, се чувствува вљубено и има впечаток дека вечно ќе остане со тој дечко и му ја праќа фотографијата, не мислејќи дека еден ден може таа нејзина фотографија да ја злоупотреби. Потоа, се случува момчето истата да ја сподели и да ја исмева девојката. Доколку се случи ваков случај се повикуваат родители, се работи со класот, со жртвата, со сторителите на насилство и се охрабруваат соучениците да реагираат и да пријавуваат доколку забележат дека се случува сајбер насилство“, додава Попризова.

Психологот вели дека современиот тренд е да се оди на систем за поддршка и за детето жртва и за сторителот на насилство, со вклучување на превентивни активности на ниво на училиште.

„Потребна е заедничка работа на сите кои се вклучени во образовниот систем со учениците, родителите и релевантните институции. Веруваме дека со донесување на новиот Закон за средно образование, ќе се измени законската регулатива во однос на одговорноста, казнивоста и моделите за советување на оние кои малтретираат соученици или наставници“, вели Попризова.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Уставниот суд го укина „балансерот“

Уставниот суд го укина „балансерот“

Уставниот суд донесе одлука за укинување на „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност …