Бајден е под сè поголем притисок да го нападне Иран

Бајден е под сè поголем притисок да го нападне Иран

Откако тројца американски војници загинаа, а повеќе од 30 беа повредени во напад со беспилотно летало врз американски пункт во североисточен Јордан, расте притисокот врз американскиот претседател Џо Бајден директно да го нападне Иран, пишува редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Иако таргетирањето ирански цели е една од опциите, аналитичарите велат дека е поголема веројатноста Соединетите Држави да нападнат една или повеќе прокси групи поддржани од Иран со седиште во Ирак и Сирија. Сепак, тие признаваат дека на Вашингтон му е сè потешко да избегне директен конфликт со Техеран.

Сателитска снимка од американската база во Јордан пред нападот.
Сателитска снимка од американската база во Јордан пред нападот.

Бајден не сака директно да го нападне Иран, плашејќи се дека би можел да го втурне Блискиот Исток во поширок конфликт поради војните во Газа и Јемен и нападите на бунтовниците Хути врз поморските бродови во Црвеното Море и контранападите на американските и британските сили.

Сепак, смртта и десетици повредени американски војници во напад со беспилотно летало врз воената станица Тауер 22 во Јордан, во близина на границата со Сирија, може да поттикне посилен одговор од вообичаеното од страна на САД. Одговорноста за нападот ја презеде Исламскиот отпор во Ирак, чадор организација составена од вооружени групи поддржани од Иран.

Во изјавата од 28 јануари, Бајден експлицитно ги обвини „радикалните милитантни групи поддржани од Иран кои дејствуваат во Сирија и Ирак“, но не посочи дека Техеран го наредил нападот.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин исто така рече дека милитантните групи се одговорни за нападите и го повтори ветувањето на Бајден дека Соединетите Држави ќе „одговорат во време и место по наш избор“.

Како може да изгледа одговорот

Мнозинството во американскиот Конгрес – главно републиканци, ја повикуваат американската администрација директно да го нападне Иран.

„Нападнете го Иран сега. Удрете ги силно“, побара сенаторот Линдзи Греам (републиканец од Јужна Каролина).

Сенаторот Том Котон (републиканец од Арканзас), жесток критичар на политиката на администрацијата на Бајден за Иран, инсистираше на тоа дека смртта на тројца американски војници ја оправдува „уништувачката воена одмазда против иранските терористички сили, како во Иран, така и на Блискиот Исток“.

Но, аналитичарите велат дека нападот врз Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), особено на иранска територија, Техеран би го сметал за голема ескалација.

„Идејата за таргетирање на позициите на ИРГЦ во Иран би изгледала рационална само доколку Соединетите Држави спроведат сеопфатна војна со Иран, сценарио кое во моментов не е очигледно“, изјави за РСЕ Хамидреза Азизи, соработник во германскиот институт за меѓународни и безбедносни работи во Берлин.

Наместо тоа, поверојатно е Вашингтон да ги таргетира милитантните групи поддржани од Техеран во Ирак или Сирија на начин што ќе ги задоволи загрижените гласови дома.

„Следствено, САД може да одлучат да таргетираат високи лидери на ирачки милитантни групи. Останувам скептичен дека таквата мерка ќе послужи како ефективно одвраќање, но американските власти може да го сметаат ризикот од таков пристап поприфатлив од директен напад врз Иран“, вели Азизи.

Санам Вакил, директорка на програмата за Блискиот Исток и Северна Африка во организацијата Чатам Хаус во Лондон, за радио Фарда на РСЕ изјави:

„Конечно дојдовме до точка во која САД повеќе не можат да избегнуваат ескалација против силите поддржани од Иран во Ирак и Сирија“, вели Вакил.

Вакил предвидува дека Вашингтон најверојатно ќе одговори со удари во тие две земји, наместо директно да го нападне Иран, но таа предупредупредува дека станува сè потешко за американската влада да избегне директна конфронтација со Техеран.

„Доколку не престанат понатамошните напади врз американските сили и меѓународните бродови, ќе станува сè потешко за администрацијата на Бајден да се спротивстави на притисокот да ја пренесе борбата во Иран“, рече Вакил.

Али Фатолах-Неџад, директор на Центарот за Блискиот Исток и глобален поредок во Берлин, за РСЕ изјави дека Вашингтон и Техеран имаат „споредливо ниво на антипатија“ за започнување директна војна.

Тој додаде дека САД повеќе би сакале да ги нападнат позициите на Исламската револуционерна гарда во регионот, отколку внатре во Иран.

Иранските власти се обидоа да го оддалечат Техеран од нападот со беспилотно летало во Јордан, без да го осудат.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани, на 29 јануари инсистираше на тоа дека „групите на отпорот не примаат наредби од Иран“.

Исто така, министерот за разузнавање Есмаил Хатиб тврдеше дека милитантните групи поддржани од Иран дејствуваат „по волја“ против „американските агресори“.

Фатолах-Неџад рече дека иако иранските прокси сили „навистина можат да уживаат одредено ниво на независност“, Исламската Република нема да ризикува да им дозволи целосна автономија во „опасниот“ контекст на војната во Газа „за да не бидат вовлечени во каков било директен конфликт“ со САД и Израел.

Регион во немир

Многумина стравуваа од конфликт во регионот со месеци по ерупцијата на војната во октомври меѓу Израел и радикалната организација Хамас, која САД и Европската Унија ја прогласија за терористичка организација.

Израел започна офанзива во Газа во која загинаа илјадници луѓе во палестинската енклава како одмазда за нападот предводен од Хамас на 7 октомври во кој загинаа околу 1200 луѓе, главно цивили.

Членовите на таканаречената „Оска на отпорот“ – иранската мрежа на регионални сојузници и прокси сили, се приклучија на конфликтот во поддршка на Палестинците.

Хезболах во Либан спорадично лансира ракети кон северен Израел, додека милитантните групи поддржани од Иран ги нападнаа американските сили во Сирија и Ирак повеќе од 150 пати. Ниту еден американски војник не загина во нападите до нападот со беспилотни летала на 28 јануари во Јордан.

САД одговорија на нападите, дури и го убија водачот на иранска милитантна група во Ирак претходно овој месец во прецизен воздушен напад.

Јеменските бунтовници Хути кои се поддржани од Иран, со месеци се обидуваат да го попречат транспортот во Црвеното Море, гаѓајќи ги комерцијалните бродови кои наводно се поврзани со Израел или патуваат кон израелските пристаништа. Оттогаш, тие ги проширија своите цели за да ги вклучат американските и британските бродови како одговор на воздушните напади на САД и Велика Британија врз позициите на Хутите во Јемен.

Нападот со беспилотни летала врз американските сили во Јордан и континуираните напади на Хутите врз комерцијални бродови, вклучително и танкери, предизвикаа скок на цената на нафтата на 29 јануари, пишува Ројтерс.

Демократската конгресменка Барбара Ли на 28 јануари рече дека „насилството (на Блискиот исток) излегува од контрола“ и инсистираше на тоа дека е неопходно прекин на огнот во Газа за да се намалат тензиите.

Вакил се согласува дека прекинот на огнот е „поитен од кога и да било за да се спречи поширока регионална ескалација“, но предупреди дека прекинот на непријателствата во Газа не мора да ги запре нападите на милитантните групи поддржани од Иран.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Одложено судењето на Трамп за тајните документи

Одложено судењето на Трамп за тајните документи

Додека за Трамп на судењето во случајот со порно ѕвездата Сторми Даниелс станува сѐ понепријатно, …