Еврото во Хрватска – претпазливост наместо големи очекувања

Еврото во Хрватска – претпазливост наместо големи очекувања

Среде економската криза Хрватска стана дел од еврозоната. Во земјата владее повеќе скепса отколку големи очекувања од новата валута. Еврото може навистина да ја обедини Европа, но и да ја подели, смета Анџелко Шубиќ.

Не се сеќавам дека имаше голема возбуда кај Германците кога пред 20 години се воведе еврото. Многумина меѓу Фленсбург и Гармиш Партенкирхен тогаш се прашуваа дали европската валута ќе функционира според планот. Ова беше измешано и со доза на носталгија. На крајот на краиштата, германската марка им донесе голем просперитет на Германците. Многумина во Хрватска сега се чувствуваат слично – повеќе претпазливи отколку радосни. За волја на вистината, домашната валута куна во малата земја ја Јадранот не и` донесе таков просперитет како во Германија, но сепак гарантираше одреден степен на автономија.

Ретко кој пушти солза по југословенскиот динар. Но, по 30 години куна сега се поставува прашањето, дали со Европската централна банка ќе оди подобро отколку со Белград? Германците во меѓувреме знаат дека воведувањето на еврото и основањето на Европската централна банка во голема мера добро функционира. И покрај тоа што Банката е позната по споро носење одлуки, како па пример во однос на каматната политика, а донекаде е контроверзно и купувањето на државни обврзници.

Кому му помага еврото?

Задачата на ЕЦБ е да најде баланс меѓу интересите на големите, богатите и помалите, сиромашните земји во еврозоната. Токму затоа и фалбаџиството на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ звучи сомнително.

За туристите со еврото ќе биде полесно, така тој ја фалеше новата валута. И странски фирми сега може со поголеми перспективи за добивка да се ангажираат во Хрватска. Тоа ја наметнува дилемата дали Пленковиќ е портпарол на одморџиите и трговските ланци, или премиер на своите сограѓани?

Во еврозоната едвај има хрватски фирми кои реализираат значителни бизнис потфати. Пленковиќ се удира в гради дека во турбулентни времиња ги држи под контрола државните финансии, но само малкумина други го делат истото мислење.

Анѓелко Шубиќ
Анѓелко Шубиќ

ЕЦБ периодов е „помека”во однос на критериумите за стабилност на еврото поради коронавирусот и кризата во Украина. Клучното прашање е како земјата чиј главен извор на приходи е туризмот може да биде конкурентна во еврозоната?

Кризите се` уште траат – додека цената на енергенсите расте, се бара зголемување на буџетот за одбрана. Сепак ова ќе биде полесно заедно во еврозоната отколку сами, што е јасна предност во прилог на приклучувањето.

Хрватите немаат илузии

Но, и по 20 години, еврото е сѐ уште „Learning-by-Doing” проект каде што не секој разбира како треба да функционира замислата.

Истата валута за сите, но различни даноци и финансиски правила? Што научивме од грчкото речиси банкротирање? Што научивме од ситуацијата во Шпанија и Португалија? Дали Шпанците навистина си мислеа дека може само да трошат, а сметката да и` се испорача на Германија?

Со Хрватска еврозоната добива нова членкаод „лесна економска категорија”. Субвенциите помагаат само краткорочно како бастун за инаку сосем здрав спортист. Од светското првенство во Катар, Модриќ и соиграчите донесоа бронзен медал дома. Но, меѓу хрватските компании тешко да има некоја што би можела да игра во светската лига на бизнисот.

Многу Хрвати одамна се простија од илузијата дека еврото може да гарантира благосостојба. Напротив дури, тие страхуваат дека во даден момент Тројката на ЕУ ќе се појави во Загреб со црвениот маркер исто како и во Грција.

Обедување или поделба?

Идејата е еврото да биде единствена валута која ќе ја обедини Европа. Но и во Германија се` уште се свежи сеќавањата на должничката криза во Грција. Таа не` научи дека еврото исто така може и да ја подели Европа. Фотомонтажата во грчки весник на која се гледа тогашната канцеларка Ангела Меркел во униформа на СС на насловната страница, остана како метафора за тоа. Меѓу земјите во ЕУ и натаму има голем јаз во однос на сиромаштијата. И во Хрватска многу проблеми нема да се решат со воведувањето на еврото.

Можеби ќе се изградат нови училишта, но и натаму ќе недостигаат средства за да се платат наставниците. Што е уште полошо – многумина од нив се иселени во Германија за да заработуваат повеќе како возачи на автобус или монтери на кровови. За ова допрва треба да се разговара.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Хрватска: ХДЗ е победник - следува постизборна математика

Хрватска: ХДЗ е победник – следува постизборна математика

Формирањето влада нема да биде едноставно: според привремените изборни резултати, ХДЗ е на прво место …