ИЗБОРНИ ЛИСТИ – НЕ СЕ СИТЕ ИСТИ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

И после неколкуте (не)преспиени ноќи, социјалдемократите сѐ уште не ги залечиле своите постконгресни рани. Не дека прв пат им се случува, но се чини дека одекот на кандидатските листи за пратеници никогаш претходно не бил олку силен и никогаш толку не ги разбранувал опозициските води.

Најголемата причина за тоа е изоставањето на имиња чие присуство на листите никој не го доведуваше во прашање. Не заради друго, туку затоа што со својот ангажман во Собранието, или пак заради нивното континуирано присуство на терен, во целост го заслужија пратеничкото столче. Некој ќе рече дека исто како и за вкусовите, не се дискутира ниту за кандидатите. Со должна почит кон заговарачите на таквата теза, сепак станува збор за две сосема различни работи. Бидејќи способноста, авторитетот и популарноста на претендентите за пратеничката функција се мерливи категории.

Во овие 25 години плуралистичко битисување, дури и ние, граѓаните на оваа држава, вакви какви што сме, научивме нешто. Научивме, или барем поголемиот дел од нас научија како да го разграничат доброто од злото, вистината од лагата, посветеноста од индиферентноста, љубовта од лицемерието…Тоа што и натаму се правиме недоветни, што глумиме колективно лудило или што немаме „стискаец“ работите да ги кажеме со нивното вистинско име, е проблем кој веројатно има некаква врска со гените… Ама токму заради тоа, заради нашата умешност секогаш да најдеме изговор за отсуството на национална и граѓанска свест, заради традиционалниот конформистички однос кон сите прашања од државна важност, дојдовме таму каде што сме – на работ од бездната.

Не можеме многу да се пофалиме ниту со чувството за одговорност, за самокритика и за објективност. Преголемите и често нереални амбиции кои по правило се нераскинливо поврзани со желбата за пари моќ, ни ги врзуваат рацете и нѐ прават крајно некритични по прашањето на самоевалуацијата. Оттаму, со ретки, ама ептен ретки исклучоци, тешко дека ќе се сетиме оти некој, без разлика дали во фазата на кандидирање или пак подоцна како избран или именуван функционер, покажал доблест и се заблагодарил на укажаната доверба и се откажал од функционерската фотелја.

Токму тоа требаше да го направат повеќемина кандидати за пратеници од речиси сите изборни единици. Ако државата и партијата навистина им беа поважни од личната кариера, за што по правило секогаш декларативно се залагаат, тогаш нивното повлекување од изборните листи ќе беше чин на морална одговорност пред граѓаните кои промената на власта ја посакуваат како лебот насушен. Само на тој начин колку-толку ќе го зачуваа образот и ќе покажеа висок степен на патриотизам. Оти освен избори, 11-декември ќе биде и референдумско изјаснување по прашањето во каква држава сакаме да живееме. Или подобро речено, дали воопшто сакаме да имаме држава со сите салтанати?

Ете затоа додека сѐ уште има време, ги охрабрувам сите оние кои со своето инсистирање по секоја цена да се најдат на гласачкото ливче го навлекоа гневот на граѓаните, да се охрабрат и да го направат единствениот логичен чекор. Влогот е преголем за да себичноста ги надвладее разумот и повисоката цел.

Најдобар доказ дека не се сите исти, па ни изборните листи, ќе биде составот со кој Грујо ќе ја трча изборната трка. Друштвото кое ја киднапира државата и ја доведе до рангот на маалско гранапче во кое целата роба се дава на рабуш, па дури и човечките души, ќе запне од петни жили да ги добие изборите. Од едноставна причина што за разлика од опозицијата, тие има што да изгубат: не само власта, парите и моќта, туку и слободата.

За разлика од последните неколку изборни циклуси, овој пат Груевци ги немаат на располагање истите механизми за контрола и фалсификување на волјата на гласачите. Гебелсовата пропаганда на корумпираните медиуми и „кешот“ за купување на гласови ќе имаат приоритет во нивната изборна „програма“. Со оглед на тоа колку пари имаат украдено, буџетот за таа намена ќе биде прилично флексибилен…

Нема сомневање дека во преостанатите триесетина дена ќе бидеме сведоци или директни учесници во многу турбулентни настани. Картите допрва ќе се мешаат, а водата постојано ќе се мати. Процентот од преку 30% граѓани кои на анкетите не се изјаснуваат за кого ќе гласаат, кажува дека сите опции се во игра и дека после таа единаесеттодекемвриска ноќ, во Македонија ништо повеќе нема да биде исто.

Автор:

Чеге Вара                            Прилеп, ебаго!…….(134)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …