Како изгледа еден од часовите на платформата за учење на далечина: „Наставничке, некој ве мјутна“

Како изгледа еден од часовите на платформата за учење на далечина: „Наставничке, некој ве мјутна“

Четири дена поминаа откако започна учебната година, во најголем дел преку националната платформа за учење на длечина. Предизвиците со кои се соочуваат учителите и учениците преку се секојдневни и бројни, но од она што досега може да се забележи е дека генерално, наставниците успеваат да се снајдат во целиот процес, пишува МЕТА.

Техничките пречки и проблеми се секојдневие во овој почетен период од учебната година. За децата во петто одделение во едно скопско основно училиште, денеска наставата започна во 8 и 30. Секое пред својот компјутер, лаптоп, таблет или телефон во својот дом, а наставничката пред лаптоп на своето работно место во училницата. На часот по математика се повторуваа броеви до 10.000, а додека таа зборуваше, наеднаш тонот се прекина бидејќи некое од децата го исклучи тонот.

– Сега мислам дека е во ред, ме слушате? Ова е час деца, не ми го исклучувајте тонот, рече учителката.

– Мене ми се прекина нешто наставничке и не ве разбрав, ако може да повторите, одговори едно од децата.

– Додека читам не треба да ме прекинувате, треба да кликнете на рачето за да земете збор. Не зборувајте сите наеднаш, ве молам, побара потоа учителката.

– Наставничке јас ве слушам сите, но вие мене не ме слушате, што да направам? Микрофонот ми е вклучен и покажува дека е во ред, но не знам зошто не ме слушате, одговори друг ученик.

Ова беше само дел од конверзацијата меѓу наставничката и учениците додека трарше часот. Значително време беше изгубено на технички пречки. И покрај слабата интернет врска која ја имаа некои од учениците, но и наставничките кои предаваа од училиштето, сепак, наставниците се потрудија да ги надминат проблемите и да ја објаснат и пренесат материјата која се обработуваше.

Има ученици кои немаат учебници по одредени предмети, па кога даваат домашни задачи, наставниците го фотографираат она што треба да се сработи, па им го испраќаат во вибер група.

За одговорните во Министерството за образование и наука, моделот на онлајн настава е успешен. Оттаму информираат дека од почетокот на учебната година, бројот на учениците кои следат онлајн настава е зголемен за околу 10 отсто.

„За неполна недела околу 80 отсто од учениците во средните и основните училишта успешно се приклучија кон онлајн наставата, а овој процент од стартот на годината постојано се зголемува. Останатите, ученици и наставници во основно и средно образование, пријавиле дека имаат тешкотии при вклучувањето во онлајн наставата, а како најчеста причина ги посочуваат – лошата интернет конекција или немањето
уреди. Министерството за образование и наука е во координација со градоначалниците, локалните самоуправи и директорите на училиштата и се работи на надминување на овие предизвици. Министерството за образование и наука информира дека моделот за онлајн настава се покажа функционален и успешен, а наставниците и
учениците се задоволни од тоа како се одвива наставата од далечина“, стои во соопштението од МОН.

Оттаму апелираат до сите оние кои ја бојкотираат наставата дека секој изгубен ден од
учењето е на директна штета на децата. Сите ученици мора да ја почнат учебната година и најважно од сѐ е образовниот процес да продолжи.

„МОН информира и дека над 98 отсто од учениците од прво до трето одделение следат
настава со физичко присуство во училиштата, а нешто помалку од 2 проценти учат од далечина. За учениците коишто немаат уреди за онлајн учење, а сепак треба да учат на далечина успешно се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку Националната радио телевизија. Исто така, наставниците имаат обврска да им печатат материјали и редовно да им ги доставуваат, но и да бидат во постојана комуникација со нив и нивните семејства, за да го следат совладувањето на наставниот материјал“, додаваат во министерството.

Прочитајте повеќе

Силјановска

В недела инаугурација на Силјановска Давкова за претседателка

Од Кабинетот на претседателот на Собранието Јован Митрески информираат дека чим стигне извештајот на ДИК …