ПОКАЖЕТЕ ОТИ СТЕ РАЗЛИЧНИ ОД НИВ

ПОКАЖЕТЕ ОТИ СТЕ РАЗЛИЧНИ ОД НИВ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

„Човештвото не го движат напред ниту армиите, ниту нациите, туку тоа го прават поединци кои се издигнуваат над просечноста и му го наметнуваат својот авторитет на светот“

Едвин Х. Чејпин  

Секој народ се идентификува со својот лидер. И затоа не за џабе рекле: каков ви е лидерот, таков е и народот. Или можеби требаше по обратен редослед? Веројатно во примерите на други држави и народи редоследот ќе беше важен, но во нашиот случај тоа е целосно беспредметно. Оти се покажа дека и лидерот и народот се едно те исто: едно големо НИШТО.

Кога зборувам за лидерот, се подразбира дека мислам на еден од најдолговечните македонски политичари, Никола Груевски, кој 14 години ја предводи ДПМНЕ, а исто толку време потроши и во зградата на „Илинденска“. Како премиер или министер во македонската Влада, сѐ едно. После сето она што во изминатите 20 месеци го слушнавме и научивме за него, илузорно е да се троши простор и време за да се набројат злоделата кои им ги нанел на сопствениот народ и држава: за опљачканите милијарди евра, стотиците илјади иселени млади луѓе, милионските тендерски провизии, илјадниците уништени човечки животи, украдената перспектива на неродените генерации. Ако злото има име, тогаш тоа го носи неговото име.

А народот? Вреди ли воопшто да се зборува за него? За истиот тој „небесен“, „библиски“ и „бунтовен“ народ, кој за 5 века османлиско ропство дигнал едноипол востание, а и за тоа едното многумина биле убедени оти било прерано кренато!? Зарем вреди да се водат дебати за народот кому кубурот наменет за зловреме одамна му за’рѓал и кој откако кукнал шета со наведната глава оти така сабја не ја сечело…?

За народот кој е секогаш спремен да загине за туѓи интереси, но не се меша во сопствените проблеми? За истиот народ кој молчи кога му ја делат државата, а ликува затоа што делот кој му го оставиле бил поголем од тој кој му го одзеле? За тој ли народ треба да зборуваме?

Ете затоа поистоветувањето на народот и лидерот не смее да се разбере како навреда за едниот или другиот. Оти исто како и во преданието, лончето секогаш си го наоѓа капачето. Или барем досега така беше.

Изборите кои претстојат се шанса сивилото да го обоиме, мртвилото да го заживееме. Вреднувајќи го погоре кажаното, Македонија после подолго време има реална шанса да се оттргне од канџите на бесперспективноста и самоуништувањето. За да се случи тоа постои само една и единствена алтернатива: рушење на режимот! Секое негово понатамошно останување на власт, во било која форма, ќе биде забивање глогов колец во срцето на државата.

Прашањето е, има ли државата потенцијал, капацитет и критична маса која на граѓаните ќе им даде шанса за нов почеток? Има ли лидер кој ќе го запре самоубиствениот поход на братучедите и Фамилијата кои државата ја доведоа до работ на бездната и кои ни тогаш, ни сега, немаат намера да запрат?

Дури и најскептичните критичари на „ликот и делото“ на Зоран Заев, му ја признаваат храброста која ја манифестираше од почетокот на објавувањето на прислушуваните разговори, па сѐ до денес. Сите се согласни дека ако тој не се дрзнеше да ја изнесе во јавност вистината за злосторничкото здружување, Грујо и бандата уште долго ќе си играа мајтап со државата. Сѐ до нејзиното исчезнување од географската карта.

Меѓутоа, повеќе од сигурно е дека една ластовица не ја чини пролетта. За да се истурка работата до крај, потребен е широк фронт од храбри, решителни и одлучни луѓе кои ќе застанат рамо до рамо со првиот меѓу нив и, исто како него, ќе го стават како залог истото што и тој: кариерата, семејството, бизнисот…ако треба и повеќе од тоа.

Кандидатските листи за пратеници се одлична можност опозицијата да ја испрати најважната порака до граѓаните: „Ние не сме како нив, ние сме различни од нив“! Оваа парола ја слушавме многу пати во изминатите месеци. Сега таа треба да се покаже и на дело.

Ако ништо повеќе, во периодот кој остана зад нас видовме кој е кој, и кој колку пари вреди. Невремето кое го живееме исфрли на површина свои херои. Дали тие бил дел од „Шарената револуција“, партиски активисти од општинските организации или произлегле од граѓанскиот сектор, најмалку е важно. Она што е важно е дека тие, во најголем дел млади луѓе, ја презеле врз своите плеќи одговорноста која по редот на нештата требало да ја имаат некои други политички и медиумски експонирани личности. Што е уште поважно, во пресметката со мафијашката структура инсталирана во највисоките институции на државата, влегле без никакви калкулации и однапред направени математики за градење кариера и стекнување личен профит.

И, конечно, сите тие луѓе имаат свое име и презиме кои народот наизуст ги знае. Оти имињата и на хероите, но и на предавниците, остануваат за навек запишани во колективната меморија на граѓаните. И во историјата.

На Македонија не ѝ требаат губитници. На Македонија ѝ фалат победници!

Автор:

Чеге Вара                          Прилеп, ебаго!…….(133)      

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …