Проблеми под земја: Косовските рудари од Трепча штрајкуваат за подобри услови и плати

Проблеми под земја: Косовските рудари од Трепча штрајкуваат за подобри услови и плати

Рудниците Трепча на Косово, голем комплекс кој датира од римската ера, моментално се во застој. Рударите, од кои дел се откажуваат од храна, штрајкуваат за подобри услови за работа и навремена исплата на платите.

Сместено на 9 километри североисточно од Митровица, рударскиот комплекс Трепча, кој произведува олово, сребро и цинк во северно Косово каде доминираат етничките Срби некогаш беше една од најголемите компании во поранешна Југославија, вработувајќи приближно 200 000 работници. Денес вработува околу 700 рудари.

По војната во Косово во 1998-99 година и прогласувањето независност на земјата во 2008 година, државната компанија претрпе економски тешкотии како што се недостаток на инвестиции и пад на производството.

За мажите кои работат во опасните услови во рудниците, често и со истрошени и застарени машини постари од 50 години, ситуацијата стана неподнослива.

Предизвици со кои се соочуваат рударите

Есет Меха, 62-годишен надзорник со 38-годишно искуство во рудниците Трепча, поголемиот дел од деновите ги поминува на повеќе од 700 метри под земја. Со старо изнемоштено палто, калливи чизми и изгребана безбедносна кацига, тој работи во густ, загаден воздух, исполнет со чад и влажност.

„Само влегување и излегување од рудникот со оваа стара опрема е борба, покрај напорната работа што ја работиме“, вели Меха.

Есет Меха, рудар во Трепча
Есет Меха, рудар во Трепча

„Ако рударот се пензионира од Трепча здрав, треба да му се заблагодари на Бога“, изјави тој за РСЕ длабоко под земја, каде што вообичаено работи, но сега седи без работа, поради штрајкот.

„Благодарение на оваа работа, имам проблеми со дишењето и спиењето“, додаде тој.

Со седумчлено семејство за издржување, Меха ги прифаќа ризиците, сфаќајќи дека неговата плата, во споредба со просекот во Косово, е добра. Тој, исто така, е свесен дека живее во земја каде стапката на невработеност се движи околу 12 проценти.

Сепак, и со добра плата не е лесно.

„Во последните две години цените пораснаа. Порано купував поголеми количини и видови храна, сега морам да купувам помалку“, раскажува тој.

Рудар во рудникот Трепча, Косово
Рудар во рудникот Трепча, Косово

Платите на рударите во Трепча се движат од 740 до 950 долари месечно, што е повеќе од просекот од 700 долари во Косово.

Сепак, рударите сметаат дека заслужуваат повисоки плати поради опасната природа на нивната работа. Друго прашање е што рударската компанија не им нуди ниту здравствено, ниту животно осигурување.

Меха исто така е категоричен дека ниту еден од неговите три сина нема да работи во рудниците.

Албан Ферати, рудар во Трепча
Албан Ферати, рудар во Трепча

Друг рудар е 35-годишниот Албан Ферати, кој е благодарен за работата во рудниците. Тој помина четири години работејќи во Трепча по долгогодишна борба за да најде постојано вработување. Сепак, со плата од 850 долари месечно, тој е исто така фрустриран.

„Не ни исплаќаат уредно, во последните месеци ни ги поделија платите на два дела (наместо да ги плаќаат во целост и во определениот ден)“, вели таткото на три деца.

„Често се случува да морам да побарам заем од колега или член на семејството на крајот на месецот за да врзам крај со крај“, рече тој додавајќи дека „цените за сè, се многу зголемени“.

Рударскиот комплекс Трепча некогаш сочинуваше две третини од економијата на Косово
Рударскиот комплекс Трепча некогаш сочинуваше две третини од економијата на Косово

Од Ферати се бара да плати и за опремата што му е потребна за извршување на работата, како што се тешки чизми со челични прсти.

Покрај финансиските тешкотии со кои се соочува со нередовната плата, Ферати вели дека се справува и со здравствени проблеми од дишењето во тешкиот црн чад, кој на моменти го остава без здив, а страда и од мигрена.

„Нема потешка и поопасна работа од онаа на рударот. Затоа на влезот од рудникот некој напишал „Среќно!“, додаде тој.

Ферати исто така смета дека на рударите треба да имс е обезбеди здравствено и животно осигурување.

„Ние избираме да влеземе во рудникот. Сепак, можеби нема да можеме да избереме како ќе го напуштиме“, додаде тој.

Рударите кои штрајкуваат одмараат под земја
Рударите кои штрајкуваат одмараат под земја

Штрајк

Незадоволни од влошените услови за работа и перцепцијата дека раководството ги игнорира нивните молби, Меха и Ферати, заедно со околу 200 други колеги, започнаа штрајк на 24 октомври.

Според синдикатот кој ги застапува мажите, некои од рударите избрале и штрајк со глад. Ибрахим Јонузи, шеф на синдикатот, за РСЕ изјави:

„Не е задолжително да не јадат храна, некои јадат, некои одбиваат да јадат“.

Гани Османи, претставник на Синдикатот на работниците од Трепча, вели дека штрајкувачите се решени да не работат додека не се исполнат нивните барања.

„Платите на рударите треба да бидат „многу повисоки од оние на вработените во другите сектори над површината на земјата“, вели Османи.

Барањата на рударите вклучуваат навремена исплата на платите, разрешување на сегашното раководство и гаранција за подобри услови за работа.

РСЕ контактираше со претставници на компанијата за коментар, но не доби одговор.

Во соопштението за печатот, косовското Министерство за економија соопшти дека рударите треба да се вратат на работа.

„Во текот на оваа година платите на рударите се зголемени за 17 отсто, исплатата за прекувремена работа е зголемена за 23 отсто, а додатокот за храна е речиси двојно зголемен“, се вели во соопштението на ресорното министерство.

Меѓународна поддршка за рударите

Независниот синдикат на рударите од Трепча објави писмо за кое се вели дека Обединетите рударски работници во Америка го испратиле до косовскиот премиер Албин Курти.

Според писмото, рударските работници од САД се солидаризираат со своите колеги од Косово.

„Трагична состојба е кога работниците кои секојдневно ги ризикуваат своите животи за доброто на својата земја се принудени да штрајкуваат за да обезбедат фер колективен договор кој обезбедува достоинство, безбедна работна средина, витални здравствени придобивки и правичен надоместок за критичната услуга што ја даваат“, се вели во писмото што синдикатот го објави на Фејсбук.

Поддршка за рударите од Трепча изрази и претседателот на Обединетите синдикати на Албанија, Гезим Калаја.

Епилог

На 27 октомври Трепча ги суспендираше Меха и Османи, заедно со уште тројца рудари. Меха за РСЕ изјави дека планира да преземе правни чекори за да ја оспори одлуката. Убеден е дека бил цел поради тоа што е најгласниот противник на раководството на рудникот.

Меха додава дека и покрај влошените услови на рударите, тие нема да го прекинат штрајкот додека не се исполнат нивните барања.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Уапсена директорката на Агенцијата за спречување на корупцијата на Црна Гора

Специјален полициски тим, по наредба на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, на 17 април …