Претседателот Стево Пендаровски, за време на посетата на САД по повод неговото учество на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк оствари средба со претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
Двајцата претседатели разменија мислења и информации за актуелните состојби во двете држави. Претседателот Штајнмајер изрази најдлабоко сочувство за трагедијата во тетовската модуларна болница.
Претседателот Пендаровски упати благодарност до претседателот Штајнмајер за неговите лични напори и ангажман, како и за континуираната германска поддршка за нашата европска интеграција.
Претседателот Пендаровски нагласи дека градењето на пријателски релации со Германија, основани на искрен и доверлив пристап, се од исклучително значење за Република Северна Македонија.
Во тој контекст, соговорниците разменија мислења и информации за најновите случувања поврзани со нашата европска интеграција и констатираа дека отпочнување на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима кај нас и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите и просперитет на регионот.
Соговорниците разменија мислења и информации за последните случувања во регионот на Западен Балкан.