Турција: 100 години демократија со подеми и падови

Турција: 100 години демократија со подеми и падови

Турција во 2023 слави 100 годишнина од основањето на републиката. Настан кој би можел да биде уште една пресвртница во историјата на земјата. Пишува: Бурак Унверен

Република Турција, како што и` е официјалното име, е основана пред 100 години. Од тогаш земјата доживеа транзиција од еднопартиски во повеќепартиски систем, воен удар во 1960. година, речиси деценија улични борби во 1970-те, по што следеше уште еден државен удар и многу нестабилни коалициски влади во 1990-те се` до 2002 кога на власт дојде исламистичката партија. Турската држава, која се темели на идеалите како што се демократија, еднаквост, владеење на право и секуларизам, ги преживеа сите овие помали или поголеми случувања.

Но, колку се отпорни демократските институции на нејзиниот 100-ти роденден?

Разочарување по ветувачкиот почеток

Под водство на Реџеп Таип Ердоган, Турција сè повеќе се вртеше кон исток. Сè повеќе се фокусираше на исламските вредности, најде нови пријатели и сојузници во арапскиот свет и подржуваше воени акции, меѓу другото во Сомалија и Катар каде турското присуство беше добредојдено.

Синам Адар, експерт за Турција од Центарот за применети турски науки (КАТС) во Берлин, доста негативно гледа на развојот на земјата под Ердоган. „Турција денес е одличен пример за сè поавторитарна пракса. Од доцните 2000-ти, земјата постепено се оддалечуваше од владеењето на правото и поделбата на власта,“ вели таа.

Со оглед на првично ветувачкиот почеток, Адар вели: „По речиси седум децении искуство со повеќепартиски избори и интеграција во западните институционални структури, пропаста на турската демократија е веројатно еден од најкатастрофалните примери на глобален тренд.”

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Али Ербас на молитва при отворање џамија во Истанбул
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Али Ербас на молитва при отворање џамија во Истанбул

Исламот добива политичко влијание

Еден од темелите на воспоставувањето на републиката беше секуларизмот, или лаицизмот – концепт заснован на францускиот модел на строго одвојување на верата и државата. Османскиот калифат е укинат во 1924. година, нешто помалку од година дена по основањето на републиката. Наместо тоа создаден е Дијанет, односно Дирекција за верски прашања за државата да може да има поголема контрола над политичкото влијание на исламот.

Експертката Адар нагласува дека од основањето на републиката „секогаш постоела тенка линија“ меѓу религијата и политиката. Но во годините на владеење на АКП на Ердоган, дојде до јасни промени. Според неа може да се зборува за „јасен тренд на постепено ширење на исламот во јавниот живот“ особено во последните десет години.

Адар вели дека Дијанет станал клучен политички играч откако е АКП на власт. „Дијанет има повеќе моќ од било кога досега, со сè поголемо политичко влијание и постојано растечки ресурси. Оваа институција одигра клучна улога, особено по неуспешниот обид за државен удар во 2016. Таа го шири наративот дека владејачката елита во Турција, под водство на Ердоган, ги брани вистинските и националните вредности на земјата, како и нејзиниот територијален интегритет.”

Средба на турската опозиција во Анкара
Средба на турската опозиција во Анкара

Може ли Ердоган да ги загуби изборите?

Турција на 18. јуни 2023. година ќе го избира следниот претседател. Некои анкети покажуваат дека Ердоган би можел да ги загуби изборите ако опозицијата успее да настапи со заеднички кандидат.

Спротивно на раширеното верување дури и во самата Турција, земјата има функционални демократски институции кои во одредена мера овозможуваат слободни и фер избори. Имаше трошка надеж за оние кои сакаа поинаква власт во 2019. година – на локалните избори опозициските кандидати ги победија кандидатите на АКП во двата најголеми турски града, Истанбул и Анкара.

Какви се шансите за промена? Фер избори се клучни за промена на власта. „За да победи на изборите“ вели Адар, „опозицијата прво мора да се погрижи процесот на гласање и работите околу гласачите кутии да бидат како што треба.”

Што ја чека Турција во иднина?

2023. е клучна година и за самата Турција и за односите на Турција со ЕУ, вели Џигдем Нас, генерален секретар на Фондацијата за економски развој во Истанбул, еден од водечките центри за турско-европските односи.

„Доколку победи опозицијата, тогаш нивниот главен фокус ќе биде на враќање на парламентарната демократија, а тој процес ќе вклучува и агенда на демократизација. Во такво сценарио, може да се очекува оживување на ЕУ- перспективата за Турција,“ вели таа и додава дека сепак треба да се остане реален.

„Ако нема суштински промени во плановите на Турција за пристапување во ЕУ, тогаш природата на односите ќе се промени. Но, дури и тогаш Турција ќе остане дел од пошироката европска архитектура и клучен фактор за европската безбедност,“ вели Нас.

Фактот што нема на повидок крај на агресорската војна на Русија во Украина, улогата на Анкара како посредник, во која веќе имаше одредени успеси, би можела да и` донесе дипломатски плодови на Турција и годинава.

Прочитајте повеќе

Штајнакер по победата на ВМРО-ДПМНЕ: Ова е „шлаканица за ЕУ“

Штајнакер по победата на ВМРО-ДПМНЕ: Ова е „шлаканица за ЕУ“

Поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер, оценува дека резултатот од изборите во земјата е …