Во старата 2023 никој не им се обрати на младите

Во старата 2023 никој не им се обрати на младите

Пишува: Сотир Габелоски

Дали и колку 2023 година беше година на младите во Македонија покажуваат многуте истражувања, иако е јасно дека игнорирањето на оваа категорија во најважните процеси кои ги води државата ги засенува позитивните околности.

Во 2023 година се зборуваше за уставни измени, на (зло)употреба на европското знаменце, измени на Кривичен закон, кршење на компјутер во Собрание… за овие и за многу други прашања младите беа занемарени, како да не се теми кои влијаат врз нив. Без разлика колку беше гласен крикот на младите, никој не обрнуваше внимание на тоа.

Но, ајде да бидеме поконкретни.

Според Индексот на младински развој, на ранг-листата од 153 земји, Македонија е на 57 место. Според методологијата на државата и’ оди добро кога ќе се спореди со држави со слични економски прилики и неприлики, но сепак развојот е просечен. Индексот на младински развој го објавува Европскиот младински форум и истиот треба да им послужи на државите во планирањето на политиките.

Истражувања на државно ниво покажаа дека младите не го работат она за кое што студирале, а државата нема доволно програми за да се бори со зависностите кај младите и подобрување на менталното здравје.

Погоре наведените податоци се само дел од целото поле на извори на информации кои зборуваат за состојбата со младите. Има спротивставености и можеме да дебатираме врз основа на сите направени анализи во 2023 година. Но, останува фактот дека младите се’ уште си одат од Македонија, а ретко кој има отвореност да ги слушне нивните маки и предлози.

Цела година во државата се водат важни процеси. За дел од нив властите и опозицијата велат дека се историски и дека од истите зависи иднината на Македонија. Но, каде се тука младите? Дали некој чул што имаат да кажат? Или, пак, младите не се доволно способни да зборуваат за уставни измени, кривични закони, проблеми во здравство и образование? И овие теми се од интерес за младите, односно истите ја одредуваат заедничката иднина.

Ретко каде и ретко кога се користи јазик близок на младите, а тоа само покажува дека никој не им се обраќа ним. Се чини како никој да не ги следи состојбите со оваа категорија на граѓани и сите се забарикадирани во сопствените монотони реторики. Па така, младите само „скролаат“ побрзо и ги одбегнуваат овие реторики и ретко кој може да допре до нив.

Власта останува доследна на приказната за ЕУ, но мора да разбере дека младите имаат прашалници во главата после сите барања од европската заедница кои се доживуваат како неправични. Од друга страна, опозицијата никако да се оттргне од реториката на минатото во која младите не гледаат иднина.

Но, да си посакаме оптимизам за 2024.

2024 година да ни’ донесе мудрост. И, ако навистина веруваме дека во младите е иднината, тогаш и сите политики треба да се ориентирани кон иднината која произлегува од младите.

За почеток да се (со)слушаме меѓу себе, а потоа да ги прилагодиме јазикот и политиките по терк на младите, со што ќе покажеме дека се потпираме на нив. Во спротивно, излезноста на избори ќе продолжи да се намалува – што од иселување, што од незаинтересираност.

Прочитајте повеќе

Кузеска: Достоинствен и успешен изборен ден, изборите беа фер и демократски

Кузеска: Достоинствен и успешен изборен ден, изборите беа фер и демократски

Прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ Почитувани, Имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден, …