Ангелова ќе биде втората жена ректорка која ќе раководи со УКИМ. Претходно, единствената жена која беше на чело на Универзитетот, во мандатниот период 1996 до 1998 година, беше проф. д-р Радмила Кипријанова
Актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Билјана Ангелова предничи зад останатите петмина кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Како што за Мета.мк информираат од Универзитетската изборна комисија, броењето на гласовите е во тек, а официјалните резултати ќе бидат објавени за околу два часа.
„Ангелова предничи по досега избројаните гласови. Но, треба да се види колкав е процентот на излезност, колку гласачки ливчиња се искористени, колку се неважечки. За околу два часа треба да ги имаме официјалните резултати“, изјави за Мета.мк проф. д-р Родна Живковска, претстедателката на Универзитетската изборна комисија.
Откако постои најстариот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Ангелова ќе биде втора жена ректорка. Од 1996 до 1998 година на чело на УКИМ беше проф. д-р Радмила Кипријанова.
Инаку, во програмата за развој на УКИМ на 40 страници, Ангелова пишува дека ќе се залага Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да биде отворен за секој член на академската
заедница и да има ефикасен сервис на неговите единици.
Таа навела дека ќе се залага за унапредување на квалитетот на наставата, за подобрување на условите за студирање на единиците на универзитетот, како и за унапредување на научно-истражувачката дејност и за подобрување на рангирањето. Освен тоа, приоритет ѝ е и интернационализацијата преку вмрежување и пристапување кон европските алијанси на универзитети и промовирање на европски вредности. Како клучни цели кои ќе ги реализира се и ориентацијата кон истражувања, развој на иновации и трансфер на технологии, зајакнување на соработката со бизнис секторот, поддршка на уметничките факултети и поддршка за развој на универзитетскиот спорт.
Во трка за нов ректор беа деканот на Филозофски факултет проф. д-р Ратко Дуев, потоа, проф. д-р Горан Ајдински исто така од Филозофскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелна проректорка за настава, проф. д-р Димитар Ташковски исто така од ФЕИТ, проф. д-р Атанас Кочов од Машински факултет, како и актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Биљана Ангелова.
Досегашен ректор на УКИМ беше д-р Никола Јанкуловски, професор на Медицинскиот факултет. Тој првпат беше избран за ректор во 2016 година. Во 2020 година тој беше реизбран со нов мандат од три години.