ЖАЛНА Е ОВАА МАКЕДОНИЈА

ЖАЛНА Е ОВАА МАКЕДОНИЈА

Колумната не се препорачува за деца под 77 години

Неопходен е надзор на родител или старател

 

„Единствено што не им појде од рака беше пустошењето на нашиот дух, кој, како и сите други работи скриени во илегала, остана единствениот влог во општествената игра, во која мојата, а мислам и сите други генерации, веруваат како во единствена преостаната вредност“.

„Смртта е непроверена шпекулација“, Емир Кустурица

Жална е оваа и ваква Македонија. Понижена, искрадена, осиромашена, раскарана, поделена, испразнета. Држава во изумирање, народ во исчезнување.

Потрошивме месеци и години во обидот да дефинираме чија чизма една деценија нѐ гази… режимска ли е, диктаторска или пак фашистичка? А уште од старт требаше да ни текне оти државата ни ја окупирала класична мафијашка дружина. Според сите показатели, според начинот на организирање и функционирање, Фамилијата функционира како класична мафија. Тоа го велат и книгите…

Ама што ќе ни се нам книги кога си имаме курирски медиуми, турски серии, бањи за пензионерите и субвенции за земјоделците? Признале или не, ние сме неука и прилично необразована нација. При десетици универзитети и стотици факултети, при очи сме слепи и при уши глуви. Впрочем, колку и да звучи контрадикторно, што друго може да се очекува од држава во која повеќе од 90% од средношколците се запишуваат на високообразовните институции, кога факултетските дипломи се делат побрзо од партиски книшки а магистри никнуваат како печурки после дожд?

Систематското уништување на државата Груевци го започнаа од образованието. Секоја година сѐ повеќе предмети, сѐ потешки училишни торби, сѐ повеќе наставници…само ученици помалку. Ако официјалните бројки покажуваат дека за само 10 години бројот на ученици во основните училишта се намалил за 40.000, тогаш првото прашање кое секоја одговорна власт треба да си го постави гласи: За кого ѕвони училишното ѕвонче?

Ваквиот поразителен факт истовремено е црвен картон за владиниот проект „Трето дете“. И за оној другиот „Инвестирајте во Македонија“. И за тој третиот, и за четвртиот…Егзодусот на младите поприма апокалиптични размери. Македонија стана земја во која, кажано со зборовите на Жарко Лаушевиќ, во сѐ се доцни, само се умира предвреме.

Во нашата држава одамна се изгубија критериумите за патриотизам, чесност, посветеност, професионализам, хуманост, почит, соживот. Наместо на филантропите, им се восхитуваме на мизантропите. Медиокритетите ги преферираме пред интелектуалците, а кичот пред уметноста. Со кое право тогаш се чудиме и се прашуваме зошто ни се случува тоа што ни се случува, кога за нашите и за судбините на генерациите кои доаѓаат одлучуваат разни батесашевци, силванибоневи, милемитекна, двојчевци, зврлевци, амдибајрамовци… Не една, не три, не пет, туку десет и кусур години класични прототипи за хохштаплери и бандити ни продаваат магла и прават од нас млади мајмуни. А ние од дрвата не ја гледаме шумата и како зевзеци се палиме на Прогласи, Платформи, Ќосиња, Соросоиди, Предавници…додека во меѓувреме пред нашите очи се случува најголемата „патриотска пљачка“ било кога видена на овие простори.

Тоа што сме одбрале да молчиме и власта да ја фаќаме на кондиција, што секој ден прагот на толеранција го спуштаме сѐ пониско и што од петни жили се трудиме да докажеме дека не можат толку да нѐ понижат колку што ние може да издржиме, е прашање на нашиот ментален склоп. Но тоа нема да нѐ оправда пред нашите поколенија на кои не ќе можеме да им ја објасниме нашата индиферентност кон настаните кое се случувале околу нас. Зошто сме биле пасивни? Зошто молчешкум сме го одобрувале пустошењето на државата? Зошто сме немале елементарно чувство за патриотизам?

А еве, дури и да претпоставиме дека ќе ни ја простат глупоста и нема да ни судат за гревовите, ќе можеме ли самите да се амнестираме од злото кое сме си го нанеле себеси? Ќе имаме ли сила да си простиме што нашите најблиски и најмили по наша „заслуга“ не се покрај нас? Што помеѓу жална Македонија и радоста на животот го одбрале второто? Што својата среќа ја побарале и нашле далеку од оваа недојдија, во Германија, Шведска, Америка, Канада, Австралија…?

Токму затоа никаква Платформа и ниеден Проглас нема да ме спречат да се борам против криминалците, мафијашите, фашистите, бандитите.., бездушниците за кои никој и ништо на светов свето не е. Најмалку Македонија. Колку повеќе нѐ има, толку е поголема шансата да се куртулиме од сатрапот и толку поверојатна можноста дека својата иднина младите ќе ја гледаат и ќе ја градат овде. Покрај нас.

Автор:

Чеге Вара                                           Прилеп, ебаго!…….(139)

Прочитајте повеќе

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

НЕ ГЛЕДАЈ ШТО ПРАВАМ, СЛУШАЈ МЕ ШТО ЗБОРУВАМ

Колумната не се препорачува за деца под 77 години Неопходен е надзор на родител или …