Османи ги претстави приоритетите на Северна Македонија како земја-претседавач со ОБСЕ

Османи ги претстави приоритетите на Северна Македонија како земја-претседавач со ОБСЕ

На 12 јануари во Виена, Австрија ќе биде првото формално соочување на Северна Македонија со претставниците на сите 57 земји-членки на ОБСЕ во улога на Претседавач со организацијата, најави на денешниот брифинг посветен на претседавањето на земјава со ОБСЕ министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи рече дека како претседавач со организацијата, земјата ќе испрати порака преку мотото „Се работи за луѓето“ бидејќи на крајот луѓето се големите конзументи и корисници на сето она што се прави во политиката.

„Некогаш сметајќи дека се занимаваме со голема политика, со големи иницијативи, со големи интереси, забораваме дека на која било позиција, дали на нашите национални влади или меѓународни организации, остануваме да делуваме цел ден за луѓето, за да се намали страдањето на луѓето пред сè во конфликтните региони, за да се олесни на луѓето, за да може да се интегрираат, да се рехаблитираат. Имајќи го предвид ова наше искуство, преку нашата ОБСЕ мисија, сметавме дека ако некој знае што значи улогата на ОБСЕ на терен и нејзините инструменти – тоа сме ние. И затоа рековме дека пораката што ќе ја испратиме преку нашето претседавање, преку состаноците на Постојаниот совет во Виена, е дека „да, вие мислите дека правите голема политика, но на крајот луѓето се големите корисници на сето тоа што ние го правиме““, рече Османи на брифингот.

Шефот на дипломатијата посочи дека земјава, од консумент на услугите на ОБСЕ, станала претседавач на организацијата и дека Северна Македонија преку мултиетничката функционална демократија, односите, културата на компромис и добрососедските односи, создала имиџ на зрела држава во меѓународната заедница.

„Теренската мисија на ОБСЕ во земјава има остварено одлични резултати и нивното присуство овде, набргу по осамостојувањето, во голема мера придонесе за нашата внатрешна стабилност и постепен развој на денешниот модел на функционална мултиетничка демократија. И тоа го сметам за наша предност и во рамките на претседавањето. Како, условно речено – задоволен корисник, ние имаме автентично искуство за значењето на теренските мисии и присуството на ОБСЕ во регионите кои се сметаат за загрозени“, истакна Османи.

Министерот за надворешни работи се осврна на исклучително сложените меѓународни односи, нарушената безбедносна архитектура во Европа и воената агресија на Русија врз Украина, за која рече дека ќе остане главен приоритет и клучно безбедносно прашање.

Прва земја што Северна Македонија ќе ја посети како Претседавач ќе биде токму Украина, посочи Османи. Тој рече дека во моментов Украина нема мисија на ОБСЕ затоа што Русија стави вето на мисијата, а Северна Македонија како земја- претседавач ќе треба да најде начин повторно да ја врати организацијата во Украина.

Шефот на дипломатијата рече дека тоа каква ќе биде комуникацијата со Русија и дали таа ќе се претвори во некаков суштински дијалог ќе зависи од односот на Москва кон принципите и заложбите на ОБСЕ.

Прочитајте повеќе

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

По „стоти пат“ – Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев е Бугарин

Драган Ковачки во дебата на национална телевизија ја повтори „по стоти пат“ невистината дека актуелниот …